Попладнево се одржала рунда разговори околу враќањето на Елиф Елмас во Наполи, но не е постигнат договор. Сепак, иако ситуацијата е ставена на „стенд-бај“ ова не значи дека наполитанците се откажале од ангажирање на Дијамантот.
Главен приоритет на Наполи сега е пронаоѓање напаѓач кој може да го наследи Ромелу Лукаку, кој ќе биде надвор од терените поради повреда.
Македонскиот играч од средниот ред остави впечаток во Неапол и сака да се врати.
Лука Маркети, експерт за трансфери за „Скај Спорт“, ја објасни ситуацијата:
„Преговорите за Елмас се во мирување, во смисла дека Наполи веќе направи формален потег: понуда за позајмица со опција за откуп, но сè уште нема одговор. Клубот не брза, бидејќи знае дека играчот сака да се врати, а до пред неколку дена, условите за заминување на Македонецот беа позајмица. Значи, најмногу што ќе треба малку да ја зголемат понудата.“
Ситуацијата е во застој, да, но тоа повеќе личи на фаза на мирување отколку на реална закана за прекин на преговорите. Ќе треба мал финансиски напор од Наполи за да се постигне целта и враќање на Елмас во редовите на италијанскиот првак.