На НБА-ѕвездата ѝ е дијагностицирано згрутчување во крвта, не се знае кога пак ќе биде на теренот

Ѕвездата на Милвоки Бакс, Демијан Лилард, има згрутчување на крвта. Лошата вест ја објави неговиот клуб, а една од најголемите НБА-ѕвезди во последните десет години ќе мора да паузира и никој не знае колку ќе трае.

Како што е соопштено, на Лилард му било откриено згрутчување на крвта во десната нога и веќе зема лекови за разредување на крвта. Од Милвоки најавија дека Лилард ќе оди на принудна пауза и не се знае точниот датум кога ќе биде неговото враќање.

„Наш приоритет сега е здравјето на Демијан. Ќе го поддржиме додека минува низ еднонеделен процес со строги критериуми за да се осигури дека неговото враќање во игра е безбедно. Лекарите предвидуваат дека тоа веројатно нема да се повтори и ние сме благодарни што тоа беше брзо откриено, што, секако, помага во закрепнувањето“, изјави генералниот директор на клубот, Џон Хорст.

Згрутчувањето може да биде многу опасно бидејќи може да патува низ телото, па дури и да доведе до срцев или мозочен удар во случај на целосна блокада, но состојбата на Лилард создава згрутчување во вените, што значи дека во најлошото сценарио, белите дробови се изложени на ризик.

Лилард е втората ѕвезда на која ѝ е дијагностицирано згрутчување на крвта оваа сезона, по Виктор Вембањама. Претходно Крис Бош предвреме ја заврши кариерата поради овој проблем, а во иста ситуација беше и Брендон Инграм, но тој го надмина овој проблем во 2019 година.

Лилард ја игра својата 13-та сезона во НБА, а втора во дресот на Милвоки. Сезонава има просек од 24,9 поени и 7,1 асистенции по натпревар.

- Оглас -

Најнови вести