На Новак му лежи Австралија, во Аделаида играше по осми пат и ја забележа осмата победа

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се пласираше во полуфиналето на АТП турнирот од серијата 250 во Аделаида. Тој во четвртфиналето со 2:0 во сетови и тоа со 6:3,6:4 го победи 18-от играч на АТП ранг-листата, Денис Шаповалов од Канада.

Ова беше осми дуел на двајцата тенисери и осма победа за Ѓоковиќ. Интересно е што ова беше осми меч во кариерата на Новак на турнирот во Аделаида, и забележа исто толку победи.

Првиот сет траеше точно еден час, па резултатот од 6:3 навистина не ја отсликува вистинската состојба на теренот. Во првите шест гема немаше возбудувања, а првиот удар го зададе Ѓоковиќ во осмиот гем кога направи брејк кој потоа со сигурен сервис го одбрани и поведе со 1:0 во сетови.

Во вториот сет, Новак направи два брејка, а Шаповалов еден, и на крајот Србинот славеше со 6:4.
Ѓоковиќ за пласман во финалето ќе се бори против Русинот Данил Медведев, кој во два сета го победи сонародникот Карен Качанов.

Турнирот во Аделаида е последна проверка за Ѓоковиќ пред настапот на првиот годинешен гренд слем турнир, Отвореното првенство на Австралија на кое дури девет пати го крена шампионскиот пехар.

- Оглас -

Најнови вести