Челниците на Атлетико Мадрид му понудија нов договор на тренерот Диего Симеоне до јуни 2025 година, со можност да биде продолжен за уште една година, пишуваат шпанските медиуми.
Интересно е што на почетокот од годинава се зборуваше за негова смена. Управата на клубот не беше задоволна од Симеоне бидејќи Атлетико прерано испадна од европските купови, а и резултатите во Ла Лига не беа најдобри.
Но, во вториот дел од сезоната се сменија работите, Атлетико успеа да го освои третото место во Ла Лига, а екипата постигна ист број голови како и шампионот Барселона, по 70, и Симеоне доби понуда да го продолжи договорот.
Актуелниот договор на Симеоне му истекува на крајот од идната година, а Аргентинецот на клупата на Атлетико седи од 2011 година. Тој со Атлетико освои две титули во Ла Лига, двапати триумфира во Лигата на Европа, двапати победи во европскиот Супер куп.