Ракометната репрезентација на Македонија има водство од 12:8, по првите 30 минути игра во дуелот со Бахреин на Светското првенство кое се игра во Германија и Данска. Кирил Лазаров со 5 гола од шест шута е наш најефикасен поединец.
После водството на противникот од 2-1, Македонија направи серија од 5-0 за преземање на контролата врз резултатот на една третина од првото полувреме.
Но, ова водство како да ги опушти македонските ракометари, па „црвено-жолтите“ ги фати голема криза во нападот, повеќе од десет минути немаа постигнато гол, а Бахреин со серија од 5-0, поведе со 7-6. Селекторот Раул Гонзалес мораше да побара тајм-аут за да ги смири своите играч и со обид да ја прекине низата на противникот.
Капитенот Кирил Лазаров со два гола ја врати Македонија во водство. Тоа беше период од околу седум минути во кои Бахреин не даде гол, а во меѓувреме им се повреди пеналџијата Мохамед Хабиб и еден шут за кој судиите не беа сигурни дали е гол, со видео технологијата за наша среќа утврдија дека топката не ја минала целосно гол-линијата.
Потоа крилото Дејан Манасков погоди двапати по ред, па Македонија на пауза замина со позитива од четири гола предност, што е највисока предност досега во текот на мечот.
Деби на светските првенства имаше младиот Филип Чурлевски.