Претседателот на унијата на професионални фудбалери во Англија и Велс (ПФА), Махета Моланго, изјави дека фудбалерите се подготвени да бараат правна заштита поради се поголемиот број на натпревари.
Според Моланго, Светската фудбалска федерација (ФИФА) со постојаното зголемување на натпревари и формирање нови натпреварувања, сериозно го загрозува здравјето на фудбалерите.
„Дојдовме во ситуација во која мораме да се заштитиме. Тажно е во каква состојба е фудбалот, а дополнителен пораз за овој спорт е тоа што фудбалерите мораат да побараат заштита бидејќи никој друг тоа не сака да го направи. на фудбалерите им е јасно дека се добро платени, но телото има свои граници кои постојано се преминуваат“, изјави Моланго.
ФИФА одлучи да воведе нов формат на Светското клупско првенство од 2025 година на кое ќе играат дури 32 екипи, а зголемен е и бројот на репрезентации кои ќе играат следното Светско првенство. На Мундијалот во САД, Канада и Мексико кој ќе се одржи во 2026 година за првпат ќе играат дури 48 репрезентации наместо досегашните 32.