Аргентинскиот репрезентативец Лионел Меси наводно ја прифатил богатата понуда од Саудиска Арабија и следната сезона повторно ќе игра против Кристијано Роналдо, објави шпанската ТВ Ел Чирингито.
Според шпанскиот медиум, Меси од следната сезона ќе го носи дресот на Ал Хилал, кој наводно му понудил на Аргентинецот неверојатни 300 милиони евра по сезона.
Ал Хилал е најтрофејниот саудиски тим со освоени 18 шампионски титули, а има и четири трофеи во азиската Лига на шампиоините, со што е најтрофеен тим во ова елитно натпреварување на најголемиот континент.
Ел Чирингито исто така објави и дека Меси нема да биде сам во Ал Хилал, туку екипата ќе ја засилат и неговите поранешни играчи од Барселона, Серхио Бускетс и Жорди Алба.
Меси минатата недела два дена престојуваше во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, за да потпише спонзорски договори, и телевизијата шпекулира дека тогаш паднал договорот со Ал-Хилал.
Освен Ал Хилал, и Барселона на сите начини се обидува да го врати Меси на „Камп ноу“, но потезите на управата се ограничени поради финансискиот ферплеј.