Мексикански суд одлучи дека боксерот Хулио Сезар Чавес jуниор ќе одговара пред суд поради наводни врски со наркокартел и трговија со оружје, но дека судењето ќе го дочека на слобода, потврди неговиот адвокат.
Бранителот на Чавес, Рубен Фернандо Бенитес Алварес, соопшти дека судот одобрил дополнителни мерки и ја продолжил истрагата уште за три месеци. Тој ги нарече обвиненијата против својот клиент „шпекулации“ и „урбани легенди“ по рочиштето во Ермосиљо на северот на Мексико.
Доколку биде осуден, Чавес се соочува со казна од четири до осум години затвор, наведе адвокатот. Боксерот на рочиштето учествувал виртуелно од притворскиот центар.
Чавес (39), кој со години живеел во САД, беше уапсен на почетокот на јули пред својата куќа во Лос Анџелес поради пречекорување на визата и неточни податоци во барањето за зелена карта. Апсењето уследи само неколку дена по неговата борба со американскиот боксер Џејк Пол.
Мексиканското обвинителство води истрага против Чавес уште од 2019 година, по пријава на американските власти против картелот Синалоа за организиран криминал, трговија со луѓе, оружје и дрога. Во предметот се води постапка против 13 лица, меѓу кои и Овидио Гузман Лопес, синот на осудениот нарко-бос Хоакин „Ел Чапо“ Гузман. Гузман Лопес беше уапсен во јануари 2023 и осум месеци подоцна екстрадиран во САД.
По истрагата, мексиканското обвинителство издаде повеќе налози за апсење, меѓу кои и против Чавес. Претседателката на Мексико, Клаудија Шејнбаум, во јули изјави дека боксерот бил баран од 2023 година, но не бил уапсен бидејќи поголемиот дел од времето го поминувал во САД.