Контролата помеѓу женските национални тимови на Англија и Германија, постави рекорд според посетата на еден фудбалски натпревар на кој настапиле фудбалерки. Средбата која се играше на „Вембли” во Лондон и заврши со 2-1 за Германките, беше проследен од 77.678 присутни гледачи на трибините. Со тоа, овој меч стана најпосетениот пријателски дуел во историјата на женскиот фудбал.

Женската репрезентација на Англија само вторпат во својата историја играше на најлегендарниот англиски стадион. Првиот пат беше пред 5 години против Финска, кога мечот од трибините го следеа над 55 илјади луѓе.
Женскиот фудбал само ги подобрува рекордите, откако пролетва дербито за титулата во Шпанија помеѓу Атлетико Мадрид и Барселона го следеа 60.739 гледачи.