Македонската ракометна репрезентација е во Стара Пазова, каде што се подготвува за настапот на Европското првенство кое за помалку од 20 дена ќе се игра во Германија. Македонија ќе ја има честа да игра на отворањето на континенталниот собир, и тоа против повеќекратниот светски, европски и олимписки првак Франција.
Овој дуел ќе се игра на 10 јануари во Дизелдорф, и тоа не во сала, туку на стадион. По дуелот на Македонија и Франција, ќе игра и домаќинот Германија против Швајцарија. Токму на овој меч се очекува да биде поставен и нов рекорд по бројот на гледачи на еден меч. Се очекуваат околу 55.000 гледачи на трибините на стадионот.
Малкумина ракометари имале можност да играат на фудбалски стадион, а еден од нив е и швајцарскиот бек Енди Шмит, кој открива што е необично.
„Повеќе би сакал да игравме во сала отколку на стадион против Германија. Имав искуство во 2014 година да играм на стадион кога со РНЛ игравме против Хамбург, а имаше 50.000 навивачи. Спектакуларно е чувството да се игра пред толку навивачи, но реакциите од публиката до ракометарите стигнува со секунда-две задоцнување и навистина беше тешко да се адаптирам на таа атмосфера“, вели Шмит за своето искуство со играње на стадион.
Македонија во второто коло ќе игра против Германија на 14 јануари, а во третото коло противник ќе ни биде Швајцарија на 16 јануари. Само првопласираните две селекции од групата ќе продолжат во следната фаза од континенталниот собир.