На Симеоне не му е сеедно по ждрепката

Актуелниот бранител на европскиот трон, тимот на Ливерпул, во осминафиналето од Лигата на шампионите ќе се соочи со Атлетико Мадрид. Црвените добија прилика да се вратат во шпанската престолнина, односно на стадионот каде што ја освоија шестата континентална круна во нивниот последен престој во Мадрид.

Менаџерoт Јирген Клоп се радува на предизвикот, особено ако се знае дека Јорганџиите никогаш не претрпеле елиминација од англиски клуб во европските натпреварувања. Сепак, Германецот смета дека на Симеоне не му е сеедно по денешната ждрепка.

„Ждрепката беше интересна, добивме неколку екстра двобои. Ние ќе се вратиме во Мадрид, а од последното наше гостување таму имаме само прекрасни сеќавања. Овојпат ќе играме против клуб од тој град, така што ќе биде убава прилика повторно да покажеме добра игра. Сигурен сум дека двомечот со Атлетико ќе биде одличен, но верувам дека Симеоне не трча низ дома од радост откако дозна дека ќе се соочи со нас“, истакна Клоп.

Атлетико во изминативе сезони се сретна со три англиски екипи во нокаут-фазата од ЛШ и ЛЕ, тоа се Челзи, Лестер и Арсенал. Во сите три случаи Јорганџиите излегоа како победници.

Првата средба во Мадрид ќе се игра на 18 февруари, додека реваншот на „Енфилд“ е закажана на 11 март 2020 година.

- Оглас -

Најнови вести