Со елиминацијата на Манчестер јунајтед од Вулверхемптон, Манчестер сити е единствениот гигант кој ќе игра на „Вембли“ во борбата за трофејот од ФА Купот. Брајтон денеска беше последниот тим што обезбеди место во полуфиналето откако во пенал-рулет го совлада Милвол, па токму фудбалерите на Крис Хјутон ќе бидат противници на „граѓаните“.
Вториот полуфинален пар е Ватфорд – Вулверхемптон, што значи дека Сити е апсолутен фаворит за освојување на пехарот во најстариот Куп во светот.
Екипата која ја предводи Пеп Гвардиола сезонава веќе освои еден англиски Куп, на пенали Сити беше подобар од Челзи во Лига Купот, а се чини и дека сега нема да имаат проблеми во обидот да стигнат до ново одличје.
Полуфиналните средби на „Вембли“ ќе се играат на шести, односно седми април.