Бизнисменот од Лимасол и претседател на кипарскиот второлигаш Кармиотиса, 49-годишниот Ставрос Демостенус, бил застрелан во својот автомобил денеска наутро. Починал на пат кон болница, а полицијата затворила дел од автопатот за истрагата, предизвикувајќи големи сообраќајни метежи, објавува „Сајпрус меил“.
Демостенус, претседател на фудбалскиот клуб од втората лига Кармиотиса, бил застрелан околу 10 часот наутро во близина на својот дом во населбата Ајос Атанасиос. Според полициски извори, комбе му го пресекло патот и бил застрелан од лице на мотор. Комбе кое одговарало на описот подоцна било пронајдено запалено во областа Јермасоја.
По пукањето, синот на жртвата се обидел брзо да го однесе во болница, но по пат доживеал сообраќајна несреќа на автопатот. Излегол од своето возило, запрел друг автомобил и го замолил возачот да ги однесе во болница. И покрај брзата реакција, Демостенус не можел да се спаси, а лекарите во Општата болница во Лимасол ја потврдиле неговата смрт.
Демостенус беше истакната личност во фудбалските кругови. Покрај тоа што го водеше ФК Кармиотиса, тој беше и поранешен претседател на прволигашкиот клуб Арис. Пред неколку месеци беше споменуван како можен кандидат за претседател на Кипарската фудбалска асоцијација, но на крајот не се кандидира.
Во тоа време тој рече дека на Асоцијацијата ѝ се потребни „фундаментални промени и нови лица“. Натпреварот помеѓу Кармиотиса и Асил Лиси, кој требаше да се одржи во петок, беше одложен.
Покрај фудбалот, Демостенус продаваше и половни луксузни автомобили преку неговата компанија „Демокарс“. На веб-страницата на компанијата се наведени брендови како што се: „Астон Мартин“, „Бентли“, „Бугати“, „Ламборџини“ и „Ролс Ројс„.