Валенсија на „Месталја“ без помош од навивачите се обидува да направи чудо и да ја стигне негативата од 4:1 против Аталанта од првиот меч во осминафиналето во Лигата на шампионите. Поради страв од ширење на Короновирусот, одлучено беше овој меч да се игра без публика.
Навивачите на Валенсија се собраа пред стадионот и скандираа како поддршка за своите миленици. Стадионот „Месталја“ е празен, но не целосно. На трибините секогаш има еден навивач. Тоа е статуата на Висенте Наваро. Тоа е навивачот кој со децении бил верен фан на Валенсија и со години имал сезонска карта за истото седиште.
Наваро продолжил да доаѓа на стадионот дури и откако останал слеп. Без разлика што не можел да гледа, тој не пропуштал меч на својот омилен тим.
Наваро минатата година почина, а во негова чест, челниците на Валенсија направија статуа, и тоа на местото кое со години беше резервирано за Висенте. Токму таа статуа и духот на Висенте се единствените навивачи на трибините на стадионот во Валенсија.