На тажниот Роналдо по вторпат му се случи да не дочека да го шутне својот пенал

Кристијано Роналдо мрази да губи, а синоќешниот пораз на Јувентус од Наполи на пенали во финалето на италијанскиот куп посебно го боли, затоа што тој не дочека да го изведе својот удар од 11 метри во пенал серијата, откако мечот во регуларните 90 минути заврши 0-0.

Лицето на Кристијано по загубеното финале беше натажено, Купот на Италија е едно од ретките натпреварувања во кои учествувал, а никогаш не го освоил. Наместо да слави, мораше да гледа како се радуваат Елиф Елмас и другарите.

Роналдо за првпат по 11 години, има мини-серија од два меча по ред со резултат 0-0. Последен пат на две средби без голови тој учествуваше уште во февруари-март 2009 година, кога беше играч на Манчестер јунајтед.

Интересно е и што првпат по Европското првенство во 2012 наваму (тогаш за Португалија против Шпанија) тој не дочека да го шутне својот пенал. Синоќа требаше да шутира во последната серија, но Наполи ги погоди сите четири пенали, Јуве утна двапати, па Роналдо не дојде на ред.

- Оглас -

Најнови вести