На УЕФА ѝ е гајле само за големите – Топ-5 шампионатите мора да се доиграат, останатите како сакаат

УЕФА повторно си постигна автогол со несмасната препорака што им ја соопшти на сите 55 членки, а и буквално покажа дека приоритет ѝ се само богатите на штета на помалите и посиромашните федерации и клубови.

На состанокот со претставниците на 55-те членки преку конференциска видеоврска, УЕФА препорача Топ-5 првенствата во Европа обавезно да ја завршат сезоната, а останатите можат да донесат одлука дали ќе доигруваат или ќе ја прогласат сезоната за завршена.

Во Топ-5 шампионатите спаѓаат англиската Премиер лига, шпанската Ла Лига, Серија А во Италија, германската Бундеслига и Лига 1 во Франција.

Засега ниту една земја конкретно не се изјаснила дали ќе донесе одука предвреме да ја заврши сезоната, освен Белгија, која веќе го прогласи Бриж за шампион и ја спушти завесата за фудбалската 2019/20.

УЕФА најави дека ќе биде во контакт со сите 55 земји членки во европската фудбалска асоцијација и дека ќе им даде упатства како да се реагира ако одлучат да не ја завршат сезоната. Тука спаѓаат и најважните проблеми, а тоа се дали шампионот и екипите што ќе бидат пласирани зад него ќе добијат дозвола за настап во европските купови следната сезона.

За утре е закажан состанок на Извршниот комитет на УЕФА, на кој ќе се разгледуваат евентуалните предлози и барања на 55-те членки за тоа како да се разрешат проблемите и да се надмине кризата со корона-вирусот.

 

- Оглас -

Најнови вести