Настапот на Жуниор Мораес за репрезентацијата на Украина може да донесе службени порази за оваа селекција, која освои 4 бода во првите две кола од квалификациите за ЕП 2020. Бразилецот пред една недела доби украинско државјанство, но сега тоа е оспорено.
Фудбалерот на Шахтар не ги исполнува условите на ФИФА за да може да игра за национален тим на земја во која не е роден. Според Членот 7 од Статутот на ФИФА, играч кој добива ново државјанство, може да игра како натурализиран за новата земја само ако по наполнети 18 години, живее пет години без прекин во таа земја.
Мораес во Украина дојде пред повеќе од пет години, но по четири години и осум месеци, во февруари 2017 година замина во Кина. По четири месеци се врати во Украина, каде што е 20 месеци без прекин. Тој доби украински пасош со декрет директно од претседателот Петро Порошенко, па случајот треба да го разгледаат во ФИФА и УЕФА.