На Валенсија – Аталанта ќе нема публика и новинари, но ќе има речиси 250 луѓе

Фудбалската Лига на шампиони продолжува вечерва со првите реванш-средби од осминафиналната фаза, а дуелот на Валенсија и Аталанта ќе се игра без публика. Ова е голем хендикеп за домашните бидејќи нивните фанови прават атмосфера која е непријатна за гостинските тимови, а им даваат ветер во грб на Лилјаците.

„Не можам да разберам како можам да се шетам низ улиците на Валенсија каде што има илјадници луѓе, а на овој најважен меч за нас сезонава не може на стадион да дојдат нашите фанови“, се чуди капитенот Дани Парехо.

Сепак, иако е забранет влезот за публика и новинари, освен фудбалерите, ќе има уште 200-250 луѓе на трибините и покрај теренот.

Клубовите и УЕФА се договорија дека смеат да бидат присутни фудбалерите, тренерите, лекарите, судиите, делегатите на УЕФА, претставници на раководствата на клубовите, од црвен крст, вработени во клубот, деца кои ги собираат топките, полицајци и приватно обезбедување, како и сниматели и техничари од телевизијата која ќе го прави преносот.

Екипата на Аталанта доаѓа од областа Ломбардија во Италија, каде што има голем број заболени, па и починати од Коронавирусот, но за нив немаше специјални мерки за безбедност и од аеродром заминаа во хотел. Чартерот со навивачите беше откажан, а тие фанови на Аталанта кои дошле порано во сопствена режија, ќе мора дуелот да го гледаат на телевизија во некој од баровите во Валенсија.

- Оглас -

Најнови вести