Ракометарите на Вардар се првите полуфиналисти на Купот на Македонија, откако денес во Битола ги одиграа двата дуели од четвртфиналниот турнир. Организатор беше Еурофарм Пелистер, а одлуката на домаќинот беше полуфиналните и финалниот натпревар да се одиграат во ист ден.
Така Вардар во претпладневниот термин од 13:30 славеа над Бутел со 33-30, а вечерва одиграа и меч за пласман на завршниот турнир против втората екипа на Еурофарм Пелистер. „Црвено-црните“ откако направија голема предност во првиот дел, кој го добија со 18-9, се опуштија во второто полувреме и му дозволија на противникот резултатски да се врати во мечот. Сепак, на крај Вардар се радуваше на победа од 25-28.
За вардарци ова беше трет меч во само три дена кој се одигра во „градот на козулите“, откако во четвртокот го доби вечното дерби против Еурофарм Пелистер во ракометната Супер лига со 34-35.