Најголемиот христијански празник Велигден е пред нас, а тоа беше сосема доволен повод наш гостин во рубриката „Хуманитарен тикет“ да биде кој друг ако не Џина Папас Џокси. Легендарниот музичар чие вистинско име е Ѓорѓе Васиќ, но сите го знаат како Џокси, пред повеќе од 30 години ја создаде и испеа легендарната песна „На Велигден“, која сигурно вечно ќе живее во македонската музика.
Во тинејџерските денови Џокси бил и успешен спортист, а сега со задоволство ја прифати нашата понуда да состави тикет, но и да ни открие како добил инспирација за оваа песна, каде била снимена и колку многу му требало да ја добие довербата за да може сега веќе антологиските стихови да заврши во етерот и да ги слушне целата јавност.
ЕДНО ПРАВОСЛАВНО КАЛЕНДАРЧЕ БИЛО ГЛАВНА ИНСПИРАЦИЈА, НО ИМАЛО МНОГУ ОПСТРУКЦИИ ДОДЕКА ЈАВНОСТА НЕ ЈА СЛУШНА ПЕСНАТА
„Неколку години живеев во Сплит и повремено доаѓав во Скопје. При една таква посета, додека бев на гости кај мојот вујко, случајно најдов едно православно календарче, кое кога го отворив, прво што видов и тоа со големи црвени букви пишуваше ВЕЛИГДЕН. Веднаш добив инспирација да создадам песна. Ја земав гитарата и во неполи 30 секунди се „роди“ песната. Јас пеев, а мојот братучед ги запишуваше стиховите. Тоа беше моментална инспирација“, започна Џокси со приказната за тоа како е создадена легендарната песна.
Како што самиот сака да каже, додека сите останати во училиште оделе со ранци, тој бил со гитарата на рамо, затоа што музиката едноставно била негова пасија. Сепак, открива дека вистинска голгота се случувала додека „На Велигден“ стигна до широкиот аудиториум.
„Требаше да снимам некои песни кај Тоше Поп Симонов кој тогаш со неговата сопруга живееше на Крит во Грција. Решив да појдам таму за да снимаме, а кога дојдов и му ја запеав „На Велигден“, реакцијата на Тоше беше дека сите останати песни може да почекаат. Така се случи оваа легендарна песна да ја снимиме во Хања на Крит во Грција“, се присетува Џокси, кој додава сепак поминало долго време додека прв пат биде пуштена на радио.
„Многу мака видов додека успеав „На Велигден“ да ја промовирам во јавноста. Во 1990 година ја однесов во Македонско радио, но тогашниот уредник ја одби, а образложението беше дека како може да има текст во кој од Господ се бара помош да ја најдеш љубовта. Бев одбиен и на Макфест. Тогаш песната заврши „во бункер“, каде седеше цела година кога Јане Коџабашија ми рече дека е време да ја пуштиме во етер.
Конечно песната доби шанса да се пушти на Македонско радио и тоа како предлог за „Хит на неделата“ во 1991 година. Слушателите веднаш ја прифатија, стана хит на неделата и седум дена ја пуштаа на секој час. Останатото е историја“, раскажува Џокси за песната која „живее“ веќе 33 години.
ЖАЛ ЗОШТО ТОШЕ ПРОЕСКИ НЕ ЈА ПРЕПЕА, НО ГОРД НА ЛАМБЕ АЛАБАКОВСКИ И НЕГОВИОТ ПРЕПЕВ
Низ сите овие години, „На Велигден“ доби неколку препеви, ремикси, а Џокси жали што препев нема од Тоше Проески, но секако дека е горд што тоа потоа го направи Ламбе Алабаковски.
„Уште пред многу години, заедно со Ранко од Бубамара радио дојдовме до идеја некој да ја препее песната. Прв тоа требаше да го направи Тоше Проески. Постоеше желба и кај Тоше, но тој период беше многу зафатен, а потоа се случи трагедијата. А токму со Тоше имавме многу убав дуел и тоа на еден негов роденден во Крушево, кога случајно бев таму и го сретнав во дискотеката „Планет“, каде преубаво си поминавме“, се сеќава Џокси.
„Тоа што не го направивме со Тоше, го сторивме со Ламбе Алабаковски кој одлично ја испеа. Потоа имаше уште многу препеви. Одлична беше женската верзија испеана од Пепа Димитрова, а песната доби и и успешни техно верзии“, вели Џокси, кој низ кариерата има освојувано многу признанија и тоа и со настапи на фестовали и низ поранешна Југославија.
ГИМНАСТИКАТА БИЛА НЕГОВАТА СПОРТСКА ЉУБОВ
Освен музиката, Џокси го сака и спортот, а во тинејџерските денови бил и талентиран гимнастичар.
„Вежбав гимнастика во Партизан Чаир, а мојот талент го откри наставникот по физичко Миле Чатал. Бев добар на сите шест справи. На Малите олимписки игри во 1972 година бев победник на повеќебојот. Освоив четири златни медали, едно сребро и една бронза. Активно тренирав до 16-17 години, а на младинското државно првенство во Загреб бев меѓу најдобрите осум и влегов во потесниот избор за во репрезентацијата на тогашна Југославија“.
“Се случуваше по 12 часа да тренирам, но ми фалеше соодветна исхрана. Како резултат на тоа, едно утро паднав во несвест. Едноставно се изгубив и завршив во болница, каде останав во следните 15-20 дена. Тогаш ми рекоа дека мора да мирувам најмалку шест месеци и ја испуштив шансата за настап на Европското клупско првенство во Виена. Тогаш решив да се посветам на музиката“, раскажува Џокси за својата спортска кариера во тинејџерските денови.
ВЕЛАТ НЕ Е СЕКОЈ ДЕН ВЕЛИГДЕН ДА СЕ НАПРАВИ ДОБИТЕН ТИКЕТ, НО СЕГА Е ВЕЛИГДЕН И РЕДНО Е ДА БИДЕ ДОБИТНО
Кога има можност знае да погледа некој фудбалски меч. Се сеќава дека додека живеел на хрватското приморје, играл Спортска прогноза и еднаш успеал да погоди деветка и да заработи сума во вредност на тогашните 50 марки.
„Балкан Стококомерц беше мојот маалски клуб. Спортот го сакам и кога имам време гледам на телевизија. Се надевам дека ќе може да направиме добитен хуманитарен тикет“, коментира Џокси кој интересно меѓу натпреварите за типување го одбра и хрватското дерби за титула, а верува дека Ријека ќе може да го победи Динамо Загреб и со тоа тимот од јадранското приморје да биде новиот лидер на табелата.