Офанзивниот играч за врска на Челзи, Жоао Феликс, призна дека сака да се врати во Бенфика, неговиот прв тим во кој ја полна професионалната кариера.
Феликс кој има 25 години, втората половина од минатата сезона ја мина на позајмица во Милан.
„Бидејќи тренер на Бенфика е Бруно Лаге, кој одигра важна улога во мојата кариера, би бил многу среќен да се вратам во Бенфика. Веројатно тоа е она кон што сум најмногу склонен. Чувствувам дека треба да бидам дома и затоа ја имам Бенфика на ум. Бенфика е мојот дом, еден ден ќе се вратам. Не знам дали ќе биде сега или за неколку години. Ако биде сега, ќе бидам многу среќен. Сите знаат дека ја сакам Бенфика. Во моментов имам различни опции во главата. Може да останам во Англија или да се вратам во Бенфика“, изјави Феликс.
Договорот на Феликс со Челзи му е до летото 2031 година. Не е во плановите на тренерот Енцо Мареска и сака да го напушти Челзи. Има најави дека Бенфика би платила до 30 милиони евра за неговото враќање.
Феликс порасна во академијата на Бенфика, беше еден од најголемите таленти, а во летото 2019 година, Атлетико Мадрид плати дури 127 милиони евра за него, но тоа се покажа како лоша инвестиција.
Од 2023 наваму играше и за Челзи, Барселона, повторно Челзи, потоа Милан, но никогаш не ја пронајде својата вистинска форма како од времето кога беше во Бенфика.