Македонија Ѓорче Петров ќе се обиде да ја прекине исклучително лошата серија од неуспеси против Шкендија, што трае веќе 11 години, или 13 натпревари по ред, а нова шанса „лавовите“ ќе имаат денеска од 17 часот.
Во Тетово ќе се игра дербито од 3. коло во Првата македонска фудбалска лига, а и Шкендија има огромни мотиви, како и гостинот. Шампионот е последен по две кола, без постигнат гол и без бодови, што е неочекувано лош старт. Тетовци имаат императив да победат и поради исклучително лошата и куса европска и експресната елиминација, иако амбициите беа големи. Гостите немаат пораз во новата сезона, но и немаат победа против Шкендија од април 2008 година.
Академија Пандев ќе се обиде и трет меч по ред да не прими гол, против новиор прволигаш Борец, екипа што нема постигнато гол во првите две кола. И тој меч ќе се игра од 17 часот во Струмица.
Второто дерби денеска е на Чаир, каде играат екипи со европски амбиции. Шкупи ќе и биде домаќин на Ренова, која е единствена екипа со максимален учинок по првите две кола.
Солиден старт имаше и вториот новак во Првата лига, Струга Трим Лум, а и денеска ќе се обидат да победат на домашен терен, против староседелецот Силекс.
Вчера во големото скопско дерби и премиера на третото коло Вардар го победи Работнички со 2:0.