Ѕвездата на Милан, Златан Ибрахимовиќ, со забава во Милано го прослави својот 40-ти роденден, а од сите гости најголемо внимание привлече пејачката Нада Топчагиќ, која ги забавуваше пријателите на шведскиот интернационалец со своите вечни хитови. Нејзиниот хит „Јутро је“ е една од омилените песни на Златан низ неговата кариера, па затоа и Нада мораше да се појави на роденденот.
На снимките се гледа како и Марко Верати игра на ритамот на песната од Нада, а 68-годишната пејачка се сликаше и со Пол Погба.
Ибрахимовиќ минатата пролет беше специјален гостин на фестивалот Сан Ремо и неговото излегување на сцената беше проследено со песната „Јутро је“, а претходно тој објавуваше снимки за време на карантинот како се забавува со оваа песна.
Инаку, Златан на „Инстаграм“ се пофали дека за својот 40-ти роденден си се почестил со нов автомобил, 488 Pista Spider Ferrari.