Рафаел Надал ја продолжува феноменалната сезона без ниту еден пораз во 2022 година, откако триумфално стартуваше и на Индијан Велс. Шпанецот беше голем фаворит во дуелот против Себастијан Корда и лесно со 6:2 го доби првиот сет.
Се чинеше дека Надал лесно и за кратко време ќе ја заврши работата, но не беше така. Корда кој е на 38-то место на АТП листата заигра многу подобро, па неверојатно делуваше фактот дека Американецот го доби вториот сет со 6:1.
И во третиот сет, резултатот беше неочекуван. Корда успеа да направи два брејка и стигна до 5:2. Американецот имаше две шанси на свој сервис да го добие мечот, но Надал уште еднаш покажа дека е неверојатен. Шпанецот стигна до 5:5, а потоа беше и 6:6, па мораше да се игра тајбрејк.
И во тајбрејкот Корда поведе со 3:2, но потоа следуваа пет поени во низа на Надал за конечна победа на фаворитот со 2:1 во сетови, во меч кој траеше повеќе од два и пол часа.
„Помислив дека сум загубил, исто како на Австралија опен. Сепак, не се откажав и кога губев со 2:5 си реков „Ок, играм лошо, заостанувам два брејка, но уште ништо не е готово“. Убаво е чувството кога ќе се победи“, рече Надал по мечот.