Рафаел Надал ќе паузира најмалку еден месец по здравствените проблеми со дишењето што беа видливи во финалето на Индијан Велс, кое го загуби од Тејлор Фриц.
Сега објави дека ќе паузира, па и настапот во неговото тениско царство, на Ролан Гарос е неизвесен.
„Разочаран сум што повторно ќе мора да паузирам. Имав одличен старт на сезоната и се надевав дека ќе продолжам во тој стил. Сепак, сега ќе морам да се одморам. Јас сум борец, не се предавам и секогаш сум успевал да ги надминам сите проблеми. И овојпат очекувам наскоро да се вратам на тениските терени, но сега морам максимално да се посветам на процесот на рехабилитација“, изјави Надал.
Надал е апсолутен рекордер на популарниот „Френч опен“ со 13 пехари, и тоа е биланс што го нема ниту еден друг тенисер на кој било гренслем-турнир во историјата на тенисот.
Новото издание на францускиот гренслем ќе се игра од 22 мај до петти јуни.