Шпанскиот тенисер Рафаел Надал потврди дека повредата на препоните здобиена за време на мечот од второто коло на Отвореното првенство на Австралија против Мекензи Мекдоналд не е наивна и ќе мора уште некое време да отсуствува од терените.
Шпанецот денеска бил на прегледи во Барселона и лекарите ја потврдиле дијагнозата што му ја поставија лекарите во Мелбурн.
„Денеска бев во тениската клиника во Барселона, каде што направив анализи на повредата кои ја потврдија дијагнозата од Мелбурн. Исто така, периодот на рехабилитација останува ист, а притоа се утврдени методите на лекување. За три недели ќе можеме да направиме нови тестирања и да видиме колкав е напредокот“, објави Надал на својот профил на „Твитер“.
Првичните проценки на лекарите во Мелбурн беа дека Надал ќе мора да мирува меѓу шест и осум недели и тоа значи дека ќе ги пропушти мастерс-турнирите од серијата 1000 што треба да се играат во Мајами и Индијан Велс.