Победничката серија на Рафаел Надал во 2022 година заврши, и тоа во финалето на Индијан Велс. Шпанецот кој нанижа 20 победи по ред во новата сезона, во мечот за трофеј на Индијан Велс, изненадувачки, загуби од Тејлор Фриц.
По завршувањето на мечот, Надал откри дека имал тешкотии со дишењето.
„Тешко ми е кога дишам. Кога се обидувам да земам воздух, многу ми е непријатно и ме боли. Кога дишам, чувствувам како некој од внатре да ме боде со игла. Имам и вртоглавици и навистина е болно. Тоа е вид на болка која ме ограничува“, откри Надал, кој додаде дека е загрижен затоа што не знае како треба сега да се лечи.
Славниот Шпанец вели дека токму поради проблемите со дишењето немал можност целосно да се фокусира на финалето на Индијан Велс.
„Ова не е повреда како тоа што беше со коленото и знам на што да се фокусирам. Жал ми е што не можам да бидам во врвна форма и многу ме загрижува овој проблем со дишењето. Не знам ни колку долго ќе трае, ни кога ќе можам да се закрепнам“, додаде Надал.