Рафаел Надал во два сета го победи Фернандо Вердаско на АТП турнирот во Рим и во кус период од само една седмица ќе има шанса да му се реваншира на Стефанос Циципас, за поразот во полуфиналето во Мадрид.
Рафа го доби денешното четвртфинале против сонародникот од Шпанија со 6:4,6:0 и ќе му излезе на мегдан на Циципас, кој денеска одмори, откако Роџер Федерер се повлече од турнирот.
На 11. мај, односно пред само шест дена грчкиот тенисер за првпат го победи Надал во четвртиот меѓусебен меч, а славеше во полуфиналето во Мадрид со 2:1 во сетови.
Сега Рафа подготвува реванш, а Циципас ќе има шанса за второ едноподруго финале на турнирите од Мастерс серијата, откако загуби во Мадрид од Новак Ѓоковиќ.
Пред Надал, Диего Шварцман приреди мало изненадување со сигурна победа од 6:4, 6:2 против шесторангираниот светски тенисер Кеи Нишикори и во полуфиналето ќе игра со подобриот од четвртфиналното дерби во Рим меѓу Ѓоковиќ и Дел Потро.
Тој меч ќе се игра на „Форо Италико“ од 21 часот.