Надал го носи најскапиот часовник во историјата на тенисот (фото)

Рафаел Надал попладнево ќе игра против Стефано Траваљија од Италија, во 16-финалето на гренслем-турнирот во Париз. Шпанецот е апсолутен рекордер на Ролан Гарос со 12 титули во кариерата и само два порази во 97 одиграни меча, па јасно е дека доколку не се случи чудо, и денеска лесно ќе победи.

Додека не дојдат вистинските возбудувања на земјените терени во Париз, Надал во центарот на вниманието се најде со часовникот кој го носи на својата десна рака. Моделот RM 27-04 Tourbillon Rafael Nadal од луксузната марка за часовници Richard Mille чини еден милион евра, а вкупно има 50 такви примероци во целиот свет.

Никогаш досега некој тенисер не носел толку скап часовник на раката за време на меч. Колку за споредба, Роџер Федерер на терен никогаш не носел поскап часовник од 35.000 евра, од фирмата „Ролекс“. Горниот дел од часовникот на Надал потсетува на рекет затоа што има тенки жици, а бојата на ремчето е во согласност со бојата на маицата на тенисерот.

„На почетокот ми требаше време да се навикнам, но часовникот одлично се вклопи на мојот зглоб. Сега стана дел од мојата кожа. Тоа е како да немате ништо на себе, затоа што 90 отсто е направен од титаниум и тежи само 30 грама“, открива Надал.

 

- Оглас -

Најнови вести