15.8 C
Skopje
сабота, 12 јули 2025

Надал го „прегази“ скопјанецот и постави нов личен рекорд!

Рафаел Надал ја продолжува перфектната сезона откако без многу проблеми со 6:0, 6:3 го елиминира Стефан Козлов на АТП-турнирот во Акапулко. Со оваа победа, Шпанецот се пласира во четвртфиналето на турнирот, но што е уште поважно, постави еден личен рекорд.

За првпат во кариерата, Надал сезоната ја започнува со 12 победи во низа. Во 2014 година Рафа имаше старт со 11 победи, но потоа загуби во финалето на Отвореното првенство на Австралија од Стан Вавринка. Оваа година не само што триумфираше на Отвореното првенство на Австралија, туку продолжува да гази и на останатите турнири.

Козлов, кој е роден во Скопје, а во претходното коло го победи Григор Димитров, овојпат немаше сили да му се спротивстави на рекордерот по бројот на освоени гренслем-титули.

Надал лесно го доби првиот сет, и тоа без изгубен гејм, а потоа малку го намали темпото во вториот сет. На крајот, дуелот траеше само еден час и 17 минути. Шпанецот по мечот изјави дека не се гледа како некој што на 35 години ќе атакува на првото место на АТП-листата.

„Не мислам да го бркам првото место на АТП-листата во овој период од кариерата. Има многу помлади тенисери кои се подготвени за такво нешто. Јас внимателно ги одбирам турнирите на кои ќе настапувам“, рече Надал по победата над скопјанецот Козлов.

 

- Оглас -

Најнови вести