Надал: Не му честитав кога Новак го освои рекордниот гренслем, има една голема причина зошто тој е рекордер, а не јас

Рафаел Надал во отворено интервју зборуваше на сите теми, а, секако, најзначајна од спортски аспект е ривалството со Новак Ѓоковиќ и нивната трка за најтрофеен тенисер по бројот на освоени гренслем-титули. Шпанецот застана на 22 трофеи, а Ѓоковиќ неодамна во Њујорк го освои рекордниот 24-ти трофеј.

„Точно е дека не му пратив порака на Новак по освојување на рекордниот гренслем. Од искуство знам дека е добро малку да се почека кога се работи за толку важна работа. Ќе му пратам честитка, но уште не сум го направил тоа“, вели Надал.

Шпанецот има свое видување за тоа зошто Ѓоковиќ има повеќе трофеи од него.

„Дали би сакал да бидам тенисер со најмногу гренслем-трофеи? Без сомнеж дека би сакал, но не сум фрустиран ако не е така. Имаше период кога не бев многу активен на турнирите. Имам пропуштено четири и пол години од гренслем-турнирите. Ѓоковиќ е многу поредовен. Тоа е суштината на спортот, да се игра. Ѓоковиќ е пред мене затоа што имаше подобро ниво на физичка подготвеност која му овозможи да игра повеќе“, објаснува Надал, кој на крајот сепак призна дека бројките се факт и дека Ѓоковиќ има подобри остварувања од него.

Во досегашниот дел од кариерата Надал играше на 67 гренслем-турнири и освои 22, а Ѓоковиќ до рекордните 24 трофеи стигна во 72 настапи на најважните тениски турнири.

- Оглас -

Најнови вести