Надал освои титула во Австралија и испиша историја во светскиот тенис

Шпанскиот тенисер Рафаел Надал покажува дека е подготвен за атак на трофејот на Австралија Опен, откако денеска се радуваше на титула на АТП 250  турнирот во Мелбурн.

Во финалето на овој помалку реномиран турнир, кој е како загревање за Австралија опен, Надал со 7:6 (6), 6:3 го победи 112-тиот на АТП листата Максим Креси од САД. Во првиот сет двајцата тенисери ги освојуваа своите сервиси и мораше да се игра тај-брејк. Креси имаше сет топка на 6:5, но не го освои поенот, а потоа Надал со три поени во низа стигна до 8:6, што беше доволно да поведе со 1:0 во сетови.

Во вториот сет, Креси прв направи брејк, но веднаш возврати Надал. При резултат 4:3 за Рафаел, Американецот го загуби својот сервис и тоа беше доволно за Надал да го добие и вториот сет со 6:3 и да стигне до пехарот.

За Надал ова е 89-та титула во кариерата и вкупно 19-та сезона во низа во која освојува барем еден трофеј, што досега му немаше успеано на ниту еден тенисер во историјата. Досегашниот рекорд го држеше Андре Агаси кој 18 години во низа имаше освојувано барем еден турнир.

- Оглас -

Најнови вести