Рафаел Надал на 35 години успеа да стигне до најдобриот страрт во сезона откако рано утрово без многу мака го победи скопјанецот Стефан Козлов, во рамките од АТП-турнирот во Акапулко.
Надал одлично ја започна 2022 година, триумфирајќи на Отвореното првенство на Австралија, а претходно победи и на уште еден турнир во Мелбурн. Сега Шпанецот атакува и на трофејот во Акапулко, а веќе нареди 12 победи во низа. Ова е најдобар старт на Надал, подобрувајќи го личниот рекорд од 2014 година, кога имаше 11 победи на отворање на сезоната.
Личниот рекорд на Надал сепак е многу далеку од рекордот што го има Новак Ѓоковиќ од 2011 година, кога сезоната ја започна со неверојатни 41 победи. Новак имаше и две победи пред крајот на 2010 година, па најголемата низа на победи на Србинот е 43 меча. Првиот пораз во таа 2011 година, Ѓоковиќ го имаше во полуфиналето на Ролан Гарос, кога загуби од Роџер Федерер.
Светскиот рекорд од најмногу победи во низа го држи Гилермо Вилас, кој победувал на 46 меча едноподруго. Потоа следуваат Иван Лендл со 44 победи и Бјорн Борг и Ѓоковиќ со по 43 триумфи во низа.