Надал конечно проговори што мисли околу турнирот што го организираше Ѓоковиќ

Еден од тројцата тенисери кои ги одбележаа изминативе 15-тина години, Рафаел Надал реши да го искоментира потегот на неговиот голем ривал Новак Ѓоковиќ, да се организираат тениски турнири. Србинот беше главен организатор на Адрија тур кои се играа во Белград и Задар, а за време на турнирот во Хрватска се случи хаос. Најпрво Григор Димитров откри дека се заразил со Коронавирусот, а потоа уште неколку тенисери беа позитивни. Меѓу нив беше и Ѓоковиќ.

Поради идејата да организира турнир, Новак беше критикуван од многумина, а Надал молчеше. Шпанецот сега го кажа своето мислење.

„Мислам дека поголем дел од тенисерите сакаат се најдобро да се случи, но секако дека беше грешка на организаторот да има турнири во Србија и Хрватска. Сепак, грешките се нормална работа, посебно кога се соочувате со ситуација со која претходно никогаш не сте се соочиле. Играчите мора да донесат одлука и јас не велам дека мојата е целосно исправна. Секоја одлука може да биде погрешна или исправна, а повторно ќе кажам ова е досега непозната ситуација за сите нас. Се надевам дека луѓето од примерот со Адрија тур ќе научат нешто и ќе ги носат најисправните одлуки“, рече Надал.

Шпанецот одлучи да не настапува на Гренд слемот САД Опен и верува дека тоа е исправен потег.

„Срцето ми вели дека сега не е вистински момент за долги меѓународни патувања, затоа што не знаеме што може да се случи веќе во следниот момент. Одлучив да останам дома каде ситуацијата со Коронавирусот е стабилна и делува дека е под контрола. Жал ми е што нема да играм, но ќе чекам некоја подобра шанса“, објасни Надал.

- Оглас -

Најнови вести