Новак Ѓоковиќ од денеска ја започнува 358-мата недела на првото место на АТП-листата, со што продолжува да го зголемува сопствениот рекорд по бројот на поминати недели на врвот на светскиот тенис.
Србинот немаше шанса да го брани тронот на Отвореното првенство на Австралија откако беше депортиран затоа што не е вакциниран, но останува на чело на АТП-листата со 11.015 бодови, дури 890 повеќе од финалистот во Мелбурн, Данил Медведев.
Медведев беше многу блиску до триумф на Отвореното првенство на Австралија, но не успеа. Русинот имаше водство од 2:0 во сетови против Рафаел Надал, но фантастичниот Шпанец направи неверојатен пресврт и на крајот тој се радуваше на рекордниот 21-ви гренслем-трофеј.
Поените од минатогодишното Отвореното првенство на Австралија ќе се избришат дури за три недели, што значи дека Ѓоковиќ е сигурен на првото место уште извесно време, но ако Србинот почне во скоро време да игра и да победува, може и воопшто да не му дозволи на Медведед да го престигне на врвот во блиска иднина.
Според најновото рангирање во Топ 5, на АТП-листата се: Ѓоковиќ 11.015 поени, Медведев 10.125, Александер Зверев 7.780, Стефанос Циципас 7.170, додека Рафаел Надал е на петото место со 6.875 поени.