Надал со Шпанија го освои трофејот во Дејвис купот

Шпанската тениска репрезентација по шести пат во историјата е освојувач на трофејот во Дејвис купот. Во финалето на новиот формат од ова натпреварување, Црвената фурија има водство од 2:0 против Канада, што е недостижна предност.

Финалето се играше во Шпанија, па домаќините ја искористија таа предност. Првиот поен го освои Роберто Баутиста по победата над Феликс Аугер со 7:6 (3), 6:3. Вториот поен, кој беше и шампионски, го освои Рафаел Надал. Најдобриот шпански тенисер и број 1 на АТП светската листа не дозволи да биде изненаден против Денис Шаповалов и го победи 6:3, 7:6 (7). Во една ваква ситуација, мечот во двојки едноставно е непотребен. За Надал ова беше 23-та последовна победа во Дејвис купот. Последен пат загубил во 2005 година, и тоа во игра на двојки.

Шпанците сите шест титули во Дејвис купот ги имаат освоено во новиот милениум. Се радуваа во 2000 година, 2004, 2008, 2009 и 2011 година, што значи дека сега по пауза од осум години повторно трофејот е во нивни раце.

Од оваа година, Дејвис куп трофејот е во нов формат. Завршниот турнир трае една недела, се игра во еден град, а настапуваат дури 18 репрезентации.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести