Германскиот тренер Јулијан Нагелсман кој минатиот месец доби отказ во Баерн Минхен, нема долго време да биде без работа и од следната сезона ќе се пресели на клупата на Челзи, пишува весникот „Билд“.
Според „Билд“, Нагелсман вечерва треба да има состанок со сопственикот на Сините, Тод Боли, за да ги договори сите детали од трансферот.
Иако Нагелсман две години седеше на клупата на Баерн Минхен, преземањето на Сините ќе биде негов најголем предизвик во досегашната кариера бидејќи мора да донесе успех со тимот за кој Боли во последните два преодни рока потроши над 600 милиони евра за засилувања.
Нагелсман на „Стемфорд бриџ“ ќе го дочека едно познато име, Кристофер Вивел, кој е именуван за технички директор и според англиските медиуми, тој одиграл клучна улога во доаѓањето на младиот германски тренер.
Интересно е што минатата недела Боли имал средба со поранешниот селектор на Шпанија и тренер на Барселона, Луис Енрике, но се одлучил за Нагелсман.
Екипата на Челзи до крајот на сезоната ќе ја води Френк Лампард.