Награда за европската титула: Тухел добива нов договор од Челзи

Заврши сушата од девет години за Челзи без титула во Лигата на шампионите, откако вчера Сините беа подобри во англиското финале против Манчестер сити со минимални 1-0 и погодокот на Каи Хаверц.

Томас Тухел е меѓу најзаслужните, ако не и најзаслужен, што направи целосен пресврт на сезоната за тимот од Лондон, кој во јануари не се сметаше за конкурент за европската титула од ниту едно гледиште. Германецот го препороди новиот европски првак за само четири месеци и од Челзи направи тим кој ќе напаѓа на сите фронта во иднина токму со него на клупата.

Како награда за успехот, раководството изготви нов договор за Тухел, односно сегашниот ќе му биде продолжен до јуни 2023 година со опција истиот да се продолжи на уште една сезона.

Заедно со него, нов договор ќе добие и Тијаго Силва, односно клубот ќе ја активира опцијата за автоматско продолжување на соработката. Двајцата отпадници од ПСЖ кои лани заедно тагуваа по поразот од Баерн, сега заедно се искачија на европскиот врв.

- Оглас -

Најнови вести