Сојузот на спортови на Скопје денеска, по повод ослободувањето на градот Скопје, организираше свеченост за доделување на наградите „13 Ноември“ на спортисти, тренери, спортски работници и организации, кои изминатата година постигнаа одлични резултати и придонесоа за развој и унапредување на македонскиот спорт во различни категории.
Наградите „13 Ноември“ се доделуваат по 55-ти пат, традиција што започна уште во 1970 година.
На свеченоста што се одржа во Спортскиот центар „Јане Сандански“ беа доделени 10 награди на предлог на Комисијата за награди и признанија и со одлука на Управниот одбор на Сојузот. Оваа награда претставува признание за исклучителниот придонес на добитниците, кои оставиле трајна трага во развојот на спортот и во промоцијата на спортските вредности во нашата заедница.
Наградата „13 Ноември“ – Спортист му беше доделена на еден од најуспешните македонски пливачи Евгениј Поп Ацев, кој во август го преплива Ла Манш и со тоа стана петтиот Македонец кој го препливал каналот.
Наградата за најдобар тренер ја доби Кирил Лазаров кој со ракометниот клуб Алкалоид стигна до титулата во ЕХФ Европскиот куп, а наградата за најдобра екипа му припадна токму на Алкалоид.
Наградите Спортски работник за животно дело ги добија поранешната атлетичарка Божурка Ѓошевска и Кирил Михаилов спортски фоторепортер и организатор на автомобилски трки.
Останатите пет награди им припаднаа на спортските работници: Горан Мицкоски (стручен соработник во Џудо Федерацијата на Македонија), Јордан Тасевски (Претседател на Македонската федерација во спортско стрелаштво), спортскиот новинар во порталот „Екипа“, Владимир Булатовиќ, на Александар Аргироски (професор по физичко образование, спорт и здравје во ООУ Петар Поп Арсов од Скопје) и професорката Ана Јакимовска Стричевиќ од ДУФК „М.М. Брицо“ – Скопје.


