Наградниот фонд на Ролан Гарос повторно зголемен за 8%

Отвореното првенство на Франција, или попознато како Ролан Гарос, го зголеми наградниот фонд за турнирот кој ќе започне на 26 мај, а ќе заврши на деветти јуни. Вкупниот фонд изнесува 42,6 милиони евра, износ кој е за три и пол милиони евра поголем од минатата сезона, или точно осум отсто. Ваков потег направија пред почетокот на ланскиот Гренд слем, кога за 8% се зголеми наградниот фонд, од 36 на 39 милиони евра.

Најавено е дека победниците во машка и женска категорија ќе добијат идентичен износ за освојувањето на трофеите. На шампионите во сингл ќе им бидат доделени по 2,3 милиони евра, додека вицешампионите ќе добијат по 1,18 милиони евра.

Тенисерите или тенисерките кои ќе испаднат уште во првото коло ќе добијат по 46.000 евра, награда која е за 15% повисока во однос на лани.

Зголемени се и наградите за елиминација во квалификацските кола, во просек од околу 15%. За елиминација во првото коло се добиваат 7.000 евра, во второ 12.250 евра, додека за напуштање на турнирот по третото квалификациско коло секој тенисер ќе добие по 24.000 евра.

Актуелни бранители на Ролан Гарос во двете конкуренции се Рафаел Надал и Симона Халеп.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести