Иван Чупиќ ќе си замине од Вардар летоска и ќе игра за ракометниот клуб Загреб, објави познатиот портал за ракомет „Хендбол планет“.
Златното момче од Метковиќ што со гол во претпоследната секунда против ПСЖ во 2017 година му ја донесе првата од двете европски титули на Вардар најави заминување по речиси пет години минати во „црвено-црниот“ дрес.
Чупиќ беше стрелец и на последниот гол за Вардар во финалето против Веспрем во 2019 кога „црвено-црните“ со победа од 27:24 ја освоија и втората европска круна.
Пристигна во Вардар од Кјелце во 2016 година и беше дел од неверојатната историја на златната генерација што освои две европски титули.
Се шпекулираше дека е можно да го засили актуелниот европски првак Кил, но сега според „Планет Хендбол“, правецот ќе биде Загреб и кам-бек во хрватскиот ракомет по 14 години пауза.
Чупиќ ја почна кариерата во Метковиќ, играше за тимот од родниот град од 2002 до 2005 година, а потоа две години беше член на Медвешчак, за потоа да ја почне интернационалната кариера во која освои многу трофеи.
Беше европски првак со Кјелце, потоа и двапати со Вардар, а со репрезентацијата на Хрватска има медали од сите големи натпреварувања.