Енис Барди е на радарот на Еспањол, но во изјава за клупската телевизија на сегашниот клуб Леванте индиректно најави дека и трета сезона ќе игра за клубот од Валенсија.
Изненадувања и пресврти на летниот трансфер-пазар се можни, но барем засега Барди се подготвува за нова авантура со Леванте во Ла Лига.
„Само да биде помирно од ланската сезона. Направивме неколку грешки што можеа скапо да не чинат, но, за среќа, се извлековме. Кога го гледам голот против Жирона, ми се чини како да беше вчера“, изјави Барди.
Токму со неговиот гол во 86-тата минута на дуелот со Жирона во претпоследното коло Леванте победи со 2:1 и се спаси од испаѓање.
Новата сезона во Ла Лига, трета за Барди во Шпанија и во Леванте, ќе почне на 18 август со гостување кај Алавес, секако ако Енис остане во клубот од Валенсија.