Ватерполо репрезентацијата на Јужна Африка го има приматот за најдобра на својот континент. Тие веќе имаат обезбедено учесто на Летните олимписки игри во Париз, но можно е да не бидат дел од најголемиот спортски собир.
Јужноафриканската репрезентација моментално се натпреварува на Светското првенство во Катар, каде што е во подредена состојба. Во првите две кола претрпе два тешки порази од Шпанија (21:5) и Австралија (29:7). Во третото коло, утре, Јужна Африка ќе игра против Хрватска, а се очекува нов висок пораз.
Токму поради овие резултати, челниците на Сојузот на водени спортови во Јужна Африка сметаат дека подобро е да се откажат од настап на ЛОИ во Париз отколку да претрпат дебакл. Нивното мислење е дека нови високи порази и на ЛОИ ќе бидат само лоша реклама за ватерполото во Јужна Африка.
Јужна Африка е во низа од 21 пораз по ред, а во последните 50 средби имаат дури 49 порази и само еден нерешен резултат на големи натпреварувања. Инаку Јужна Африка е една од осумте селекции кои изборија место на Олимписките игри заедно со домаќинот Франција, потоа Унгарија, Грција, Јапонија, САД, Шпанија и Аргентина. Останатите четири патници на ЛОИ ќе се знаат по завршување на Мундијалот во Катар.