Американката Меган Рапино која беше прогласена за најдобра фудбалерка на светот за минатата година, сака да влезе во политиката и тоа се нуди да биде потпретседателка на САД, доколку Џо Бајден од Демократската партија стане прв човек на САД.
За време на мартовските предизборни избори во Демократската партија, Бајден истакна дека ако му се укаже прилика да му биде ривал на Републиканецот и актуелен претседател Доналд Трамп, тогаш за најблизок соработник во трката би земал припадничка на понежниот пол. Капитенката на репрезентацијата на САД, му се понуди на Бајден.
„Не би ви правела притисок, но навистина можам и да играм фудбал и да ви кажам дека сум слободна за интервју ако ви треба потпретседател. Би можеле да разговараме за логистиката и деталите. Ставете ме на листата“ – му порача Рапино на Бајден.
Рапино која не крие од јавноста дека е хомосексуално определена (има деветгодишна љубовна врска со кошаркарката Сју Бирд), важи за една од најпопуларните спортистки во Америка и главен адут во тимот на Влатко Андоновски, кој е селектор на женскиот национален тим на САД.
Рапино има 34 години, а Бајден се пошегува дека ако Меган сака да биде потпретседател, ќе мора да прифати помала плата од таа што ја зема како фудбалерка.
Рапино не го сака Трамп, рече дека нема да оди на прием во Белата куќа ако добијат покана од претседателот по повод светската титула.