Српскиот тренер Светислав Пешиќ, кој ја води Барселона, смета дека најдобрата клупска кошарка во светот не се игра во НБА-лигата, но Американците се мајстори за маркетинг и знаат да ја продадат својата приказна.
„Убаво е кога ќе станете наутро и ќе ги погледнете резултатите од НБА-лигата. Гледате резултати од типот 129:119, 122:120. Убаво е за око, сите се среќни, но тоа не е кошарка. Во кошарката ако сакате да го смените ритамот на мечот, тоа се прави со одбрана, а не со напад. Вистинската кошарка со контролирани и подолги напади, цврста одбрана, тактика, тројки, креација се игра во Европа, не во НБА. Затоа во Евролигата се игра најдобра кошарка на светот. Проблемот е што во Европа не ја продаваме кошарката толку добро како Американците, треба да го научиме тоа од нив“, вели 69-годишниот тренер.
Барселона е лидер во шпанската лига и тим кој почна да бележи добри резултати и во елитното европско натпреварување. Последната победа на Барселона беше против Армани Милано, тим кој игра во стилот на НБА, со кратки напади и со многу поени, но и послаба одбрана.