Такума Асано кој сезонава беше најдобар фудбалер во тимот на Партизан, објави дека веќе нема да го носи црно-белиот дрес на белградскиот тим. Јапонецот преку социјалните мрежи откри дека самоиницијативно решил да си замине од Партизан, а како главна причина ја наведе тоа што не добивал навремено плата и никој од клубот не реагирал на неговите молби.
„Јас, Такума Асано го раскинав договорот со Партизан. Откако некое време се мачев, одлучив да пресечам и да донесам ваква одлука. Мислам дека не сум почитуван од страна на клубот, кој веќе подолго време не ми ја исплаќа заработувачката на време и во полн износ. Уште постои долг кој не е подмирен до денеска. Никој од клубот не реагираше на моите молби. Тешко ми е што морам да си заминам од клубот под вакви околности, затоа што во Партизан поминав важен дел од мојата кариера“, стои во дел од објавата на Асано.
Од Партизан веднаш реагираа и најавија дека ќе поднесат тужба против фудбалерот.
„Фудбалскиот клуб Партизан објавува дека играчот Такума Асано своеволно го напушти клубот и на тој начин го прекрши постоечкиот договор за професионално играње. Партизан ќе ги преземе сите правни мерки и средства пред надлежните органи на ФИФА и ќе поднесе тужба против фудбалерот за неосновано заминување и кршење на одредбите од договорот“, стои во соопштението на Партизан за новонастанатата ситуација.
Асано сезонава одигра одлично и даде 21 гол, а имаше и 10 асистенции. Партизан се надеваше дека летово ќе го продаде Јапонецот и ќе заработи неколку милиони евра, но сега тоа тешко дека ќе се случи.
View this post on Instagram