Легендарниот германски напаѓач, Мирослав Клосе е принуден да ја прекине тренерската кариера и тоа на неодредено време. Клосе кој досега работеше како помошник на Ханси Флик во Баерн Минхен, има тромбоза во ногата и лекарите му препорачаа целосно мирување.
Клосе почувствувал болки во нозете кога решил да замине на лекарски преглед, а дијагнозата била неочекувана.
„Оваа дијагноза е вистински шок за мене. Имам двојна тромбоза во ногата. Веднаш ми беа препишани лекарства и морам да носам посебна чорапа. Лекарите беа јасни дека не смеам да се шегувам со повредата и дека ми треба целосен одмор. Не смеам ниту да трчам, ниту да пливам, а најлошо од се е дека не можам да играм фудбал“, вели Клосе.
Мирослав беше и еден од кандидатите за помошник на Флик во репрезентацијата на Германија.
„Би било погрешно ако сега решам да продолжам, иако имам шанса да бидат повторно со Флик, овојпат во националниот тим“, додава Клосе, кој со 16 погодоци за Германија на Светските првенства, е најдобар стрелец во историјата на Мундијалите. Зад него е легендарниот Бразилец Роналдо. За репрезентацијата на Германија, Клосе е рекордер со вкупно 71 гол во 134 настапи.