Најдобриот турски фудбалер работи како таксист во Вашингтон

Турската фудбалска легенда Хакан Шуќур некогаш беше еден од најдобрите напаѓачи на светот, а сега работи како таксист и тоа во главниот град на САД, Вашингтон, и за целата ситуација го обвинува претседателот Реџеп Таип Ердоган. За Ердоган, Хакан е непријател на Турција, па затоа некогашниот фудбалер е далеку од дома.

„Работам како возач на „Убер“ во Вашингтон. Ништо не ми остана, Ердоган ми зеде сè и работата и правото на слобода и мислење. Децата ми ги малтретираа на улица, деловните простории на жена ми беа уништени, добивав закани со смрт. Кога си заминав во 2015 година, го затворија татко ми и ми го замрзнаа целиот имот. Моите имаат рак, а не можам да ги посетам. Не сум ниту терорист, ниту предавник. Си ги сакам турското знаме и родната земја“, вели 48-годишниот Шуќур.

Хакан, кој имаше прекар Бикот од Босфор, во 2000 година со Галатасарај сензационално го освои Купот на УЕФА, а беше капитен на репрезентацијата на Турција на Мундијалот во 2002 година во Кореја и Јапонија, кога Турците беа трети, и даде рекордно брз гол за неполни 11 секунди во мечот за бронза. Играше и за Интер, Парма и Блекбурн.

Во 2013 година ја напушти партијата на Ердоган и тогаш му почнаа проблемите. Од 2016 година е распишана потерница по него.

 

- Оглас -

Најнови вести