Репрезентацијата на Македонија за кошаркари до 20 години го претрпе и четвртиот пораз во четвртиот настап на Европското првенство во Полска. Денеска Црвено-жолтите младинци во осминафиналето беа поразени од фаворитот Словенија со 71-82, но ова беше најдобро издание и најтесен пораз досега за Македонија.
Против Словенците тргнавме многу лошо, првата четвртина беше завршена со двоцифрена негатива, потоа драстично се поправи сликата, но во финишот на третата четвртина противникот направи серија од 16-4, по која повторно се одлепија. Македонија се закани кога намали на 61-66, но примивме тројка која делуваше демотивирачки и Словенија брзо потоа отиде и на 75-61, со што го одлучи прашањето на победникот.
Најрасположени поединци во македонскиот тим беа Јовановиќ со 19, Шошкиќ со 15 и Симиќ со 14 поени.
Утре Македонија почнува разигрување за 9-16 место, а прв ривал ќе ни биде поразениот од осминафиналниот пар Италија – Полска. Со победа утре, Македонија обезбедува опстанок во елитната А дивизија во оваа возрасна категорија, во спротивно, ќе мора да ги добие наредните два меча во разигрувањето 13-16 место, бидејќи три тима испаѓаат во Б дивизија.