Ракометарите на Охрид го постигнаа најголемиот успех во клупската историја, откако со вториот триумф над Дукла Прага, дојдоа до пласман во четвртфиналето од Европскиот куп на ЕХФ.
Охрид на првиот натпревар славеше со 30-21 пред својата публика, а вечерва победи и на гости, овој пат со 30-24. Македонскиот претставник во третото по ранг европско натпреварување доминираше во текот на целиот меч и во ниту еден момент не покажа слабост дека може да ја испушти големата предност од првиот меч.
За Охрид ова е шестта победа на исто толку натпревари во Европскиот куп оваа сезона, откако претходно по двапати славеа и над Баку и Слога Добој.
Ждрепката за четвртфиналето ќе се одржи во вторник, а натпреварите за влез во полуфиналето на програмата се кон крајот на март и почетокот на април.
За потсетување, актуелен освојувач на трофејот во Европскиот куп е Алкалоид.

